Градина

Прво започна како најобична градина за зеленчук. Стандардно копање на почвата, садење и правење леи. Потоа одржување преку наводнување по леите и вадење диви треви. На крај берење на плодот. Првично ја ѓубрев со купечко органско ѓубриво, потоа преминав на сопствен компост.

Во првата година (2015 ) имав најмногу проблеми. Слабо развиени растенија, малку плодови, по некоја болест и напад од инсекти. Бев многу разочаран бидејќи неможам да произведам здрав зеленчук и бев речиси спремен да се откажам од се.

Размислував некое време и решив да пробам да се едуцирам преку интернет бидејќи од домашните едукатори добивав информација со кои препарати кога треба да прскам и колку пати да повторувам. Кога и какви вештачки ѓубрива да употребувам за да имам богат род. Мене не ми треба тоа. Тоа го има на пазар и кога сакам можам да си го купам. Едноставно или ќе успеам да прозведам органски производи или воопшто нема да се замарам.

Почнав да читам, да гледам видеа на YouTube, да следам определени you-tubers и полека да учам како да ја организирам градината.

Бидејќи беше крај на летото и почеток на есента започнав да собирам лисја од соптвениот двор и од дворовите на сите околни комшии. Направив една коцка од еден метар кубен и во неа мешав лисја и отпад од зеленчук што ми остануваше дома од приготвување салати и ручеци. Лисјата ги складирав првично во вреќи и потоа во кутијата ги мешав со таканарачениот органски отпад од кујна. Така до рана пролет имав полна кутија со компост. Радишани е на брдо и градината ми беше на коса површина. Ја поделив на два дела и добив две рамни површини. На овој начин обезбедив да имам подеднакво ново на влажност на повчата. Целата површина ја покрив со компостот од кутијата.
Во меѓувреме следејќи го интернетот сватив дека најдобро е да добијам компост од домашни животни. Тука дојдоа како додаток кокошките во 2016 година.

Градината не беше на нивото кое јас го посакував но сепак беше многу подобро од претходната година. Имав помалку диви треви, немав болести, многу помалку напади од инсекти и релативно добра берба.

Постојано бев на интернет и учев. На крајот го избрав методот „Back to Eden“ (Назад кон Рајот). Овој метод предвидува копирање на шумските предели но во забрзан процес. Секоја есен во шумата паѓаат лисјта на земја и скапуваат до пролет. На овој начин се создава таканаречената шумска покривка која е најбогата со микроорганизми со кои се хранат растенијата.

Продолжува ….